Пендаровски го посети Суад Мисини кој втор ден штрајкува со жед
Пендаровски го посети Суад Мисини кој втор ден штрајкува со жед

Денеска е втор ден од штрајкот со жед на активистот за човекови права Суад Мисини, а се чини дека неговите напори да ги поттикне институциите што поскоро да го решат проблемот со лицата кои немаат никакви документи почнаа да даваат резултати. За среќа, неговата здравствена состојба засега е стабилна. Сепак, почнал да дехидрира и да му се намалува температурата на телото. Според медицинските препораки, штрајкот со жед се смета за еден од најопасните удари по здравјето и не може да трае повеќе од 3 до 4 дена.
Утрово кај Мисини бил претседателот Стево Пендаровски. Од неговата канцеларија соопштија дека е веќе потпишан Указот за стапување во сила на законот за изменување и дополнување на Законот за за матична евиденција на граѓаните.
„Со овие измени им се овозможува на над 600 наши граѓани да ги решат нивните проблеми и да добијат лични документи. Исто така со измените ќе се реши и проблемот со бездржавјанството и на секое дете кое ќе биде родено во земјата затоа што ќе добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители имаат или немаат лични документи…“, напиша Стево Пендаровски, Претседател.
Премиерот Ковачевски ги повика пратениците да се потрудат што поскоро да го донесат и останатиот закон за решавање на проблемот со неевидентираните лица, односно измените во Законот за лични карти и за живеалиште и престојувалиште.
Собранието минатата недела ги изгласа измените на Законот за матична евиденција, преку кои се овозможува евидентирање на околу 700 лица кои не се запишани во државниот регистар или се јавуваат во Евиденцијата на неевидентираните. Но, овој закон не го реши проблемот со лицата-фантоми бидејќи нивниот проблем чека решение со Законот за лични карти и за живеалиште.
Еви Шкопи