Мерко дојде во општината, но бил зафатен за средба со медиумите

Градоначалникот Рамиз Мерко трет ден се крие во општинските канцеларии, откако американскиот Стејт департмент го стави на црната листа заедно со целото негово семејство. Тој денеска околу 11 часот со својот службен автомобил пристигна во општината. Екипата на Алсат се качи до неговите канцеларии, но од неговото обезбедување ни беше речено дека тој е зафатен и нема да нè прими.
Алсат: Каде е градоначалникот?
Обезбедување: Зафатен е.
Алсат: Ти не нè најави. Најави нè дека сме овде. Дали сака да даде изјава.
Обезбедување: Зафатен е.
Од општинската администрација пак, за медиумите рекоа дека тие не се овластени да зборуваат во негово име. Градоначалникот ќе се произнел откако за тоа ќе почувствувал потреба.
Алсат денес контактираше и со партиите во Струга за јавноста да го чуе нивниот став во врска со случувањата.
Претседателот на СДСМ во градот, Ацо Попоски, партија која е во коалиција со ДУИ и на локално ниво, го прашавме дали ќе продолжат да ги поддржуваат политиките на Мерко? Тој ни одговори дека не може сам да одлучи за тоа. требало да се состане раководството на партијата во Струга, но и да се направат дополнителни консултации со централата на СДСМ во Скопје.
Координаторот на советничката група на ДУИ, Фатон Положани, не беше достапен за коментар да каже дали евентуално ќе се оградат од својот сопартиец.
Претседателот на ВМРО во Струга и општински советник, Ален Деребан, нè информираше дека Мерко ниту ја имал, ниту во иднина ќе ја има поддршката од советничката група на ВМРО. Тој потсети дека општинскиот Совет нема надлежност да го разреши.
Советникот од БЕСА Фатмир Емуш, ни рече дека тие како партија и досега не ги поддржувале политиките на Мерко и оти ќе продолжат да дејствуваат како опозиција во Советот на општината.
Од огранокот на Алијанса свој став најавија за утре.
Мики Трајковски