ДУИ ги повика институциите да ги проверат тврдењата на САД за Мерко

ДУИ го прекина дводневниот молк по одлуката на американскиот Стејт департмент да го стави на црна листа високиот функционер на оваа партија, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Според портпаролот Бујар Османи, Мерко по средбата со Али Ахмети побарал да ги замрзне членството и партиските позиции.
„ДУИ бара од институциите да отворат сеопфатна истрага за Рамиз Мерко за сите можни тврдења и информации од извештајот на американскиот Стејт Департмент. ДУИ ја прифаќа одлуката на Мерко за замрзнување на членството во Централното претседателство и Генералниот совет до завршување на истрагата. ДУИ ја прекинува изборната партиска активност во Струга“, рече Османи.
Но, ниту наодите на Вашингтон, ниту истрагите на домашните органи не ја убедија ДУИ да го исклучи Мерко.
„Замрзнувањето на членството значи дека не сте член на Претседателството и на Советот. Можеме да си играме со зборови и да даваме насоки, но ситуацијата е јасна“, додаде Османи.
ДУИ бара институциите да отвореле истрага за Мерко. Интегративците велат дека остануваат одлучни за „ветинг“ на сите политички личности и носители на јавни функции.
Од ДУИ, партија која наполни 20 години, велат дека стратешкото партнерство со САД нема алтернатива, но последниот збор за овој случај требало да го дадат домашните институции. Тие, според нив, треба да ги докажат тврдењата на американскиот Стејт Департмент.
А, за потсетување, лидерот на ДУИ во јануари годинава имаше порака за лицата кои ќе се најдат на црната листа.
„Доколку има црни списоци и тава проценка направи Стејт департментот, нека им е со среќа на оние кои ќе се најдат на тие списоци“, велеше Ахмети.
Американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер, вчера изјави дека списокот со лица прогласени за „персона нон грата“ ќе се шири.
Адриан Керими