
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека ќе стави вето на нацрт-буџетот за војската, кој, меѓу другото, предвидува санкции за гасоводот „Северен поток 2“ и Турција, бидејќи американските конгресмени не го изменија ставот 230 од Законот за комуникации, кој ги штити социјалните мрежи од тужби
„Сето ова е многу тажно за нашиот народ. Се чини дека сенаторот Џим Инхоф нема да додаде во воениот буџет амандман со кој ќе се укине ставот 230. Последната шанса е пропуштена. „Јас ставам вето“, напиша Трамп на Твитер.
Оваа намера на Трамп претходно ја потврди портпаролката на Белата куќа, Кејли Макинани.
Претседателот Трамп неодамна објави низа текстови на Твитер во кои посочува дека ставот 230 од Законот за комуникации, кој ги штити социјалните медиуми од судски спорови, претставува „сериозна закана“ за американската национална безбедност и интегритетот на изборите.
„Затоа е многу опасно и неправедно ако ставот 230, кој ја овозможува привилегираната позиција на социјалните мрежи, не биде целосно укинат“, напиша меѓу другото Трамп.
Дури и пред изборите, Трамп во неколку наврати истакна дека ставот 230 од споменатиот закон е многу проблематичен и оти го отвора патот кон цензура и пристрасност и ги повика законодавците да ја сменат или укинат одредбата.