ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За Мерко има шест отворени случаи во различни фиоки

Кривичното досие на Рамиз Мерко вклучува најмалку шест случаи во различни фази од истрагата кои се однесуваат на сомневања за злоупотреба на службената положба и измами. Јавното обвинителство денеска ги објави предметите кои се активни и на кои се работи во истражна и предистражна постапка. Постојат и постапки кои сè уште не се заокружени во кривични предмети. Една од нив е врз основа на кривична пријава од страна на Финансиската полиција поврзана со кршење на законот во постапката за експропријација.

Advertisements

„Кривична пријава од неколку граѓански здруженија за сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување; евидентиран случај во ОЈО Струга против лицето за кое станува збор и уште две лица за сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување; Предистражна постапка која датира од 19.05.2023 година во ОЈО Струга; Случај отворен врз основа на кривична пријава од страна на Управата за финансиска полиција против лицето за кое станува збор и уште 5 лица. Надлежниот обвинител поднесе барање за вештачење до Бирото за судски вештачења. Три пати било побарано да се дополни вештачењето. Сè уште се чека одговор од 2020 година; кривична пријава од група адвокати. Случајот е во предистражна постапка. Кривична пријава за сомнение за злоупотреба на службената положба и за измама поврзана со експропријација на земјиште во Струга. За истиот случај постапуваат и Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал и корупција. Тој е сè уште во предистражна постапка“, наведуваат од Јавното обвинителство.

Обвинителството соопшти дека постојат основани сомневања за неактивност и непрофесионалност од страна на јавните обвинители во чии раце се овие предмети. Нивните активности ќе бидат под посебна истрага по извештајот на американскиот Стејт департмент.

„Во текот на изминатите години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од разни субјекти и институции. Јавното обвинителство исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт Департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност“, додаваат од Обвинителството.

Следната недела Судскиот совет ќе формира и комисијата за контрола на работата на Основниот суд во Струга. Формирањето на телото кое ќе ги разгледува заклучоците на американскиот Стејт Департмент, односно влијанието на Мерко во судските постапки, ќе биде формирано на следната седница. Телото ќе го води координатор за проверка на работата на Основниот суд Струга и уште двајца членови.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button