
Охрид и Струга треба да инвестираат во нови содржини за регионот да биде атрактивен за посети во текот на целата година, велат експертите. Културно-историските локалитети, езерото и плажите не се доволни. Речиси воопшто не се искористуваат околните планини Галичица и Јабланица.
„…Во контекст на поголем развој, односно поголемо учество во економскиот развој и на туризмот и на Охрид и на државата, неопходно е да се донесат мерки кои ќе ја намалат сезоналноста што ја има туризмот, односно да се понудат производи и содржини кои ќе ја зголемат атрактивноста на Охрид како дестинација во текот на целата година“, рече Јованка Дамоска Секулоска, професорка по економија.
Професорката вели туризмот, ако добро се инвестира, многу побрзо ќе ја преброди кризата од пандемијата и војната во Украина за разлика од останатите стопански гранки.
А, иако временските прилики изминатиот период не им одеа во прилог на угостителите, сепак се очекува летово да донесе повеќе гости, а со тоа и поголема заработка.
„Можеме слободно да кажеме има голем интерес за сместување и во хотелските капацитети и во приватното сместување бидејќи после еден период на затвореност на народот со короната има потреба од комуникација и движење. Мислам дека има интерес оваа сезона да биде многу подобра, поплодна и поефективна“, рече Љупчо Цветаноски, хотелиер.
Гостите од Холандија, Турција, Англија, Србија, Полска веќе се присутни покрај Охридското езеро, додека Струга ги очекува своите иселеници во странство кои вообичаено летните одмори ги користат во родниот крај.
Мики Трајковски