Скопје без корист од претседавањето со ОБСЕ

Македонија е на половина од едногодишниот мандат со претседавањето со ОБСЕ, но успева ли да ги искористи придобивките? Претходно дел од опозицијата обвини дека шефот на дипломатијата Бујар Османи не ја искористил успешно позицијаата за да ги промовира националните интереси на Македонија. Според амбасадорот Тихомир Илиевски, доколку земјава наметне клучни теми, може да успешно да го искористи претседавањето. Илиевски вели дека требало да се испратат јасни пораки и ставови во однос на теми како што се судството, слободата на медиумите, борбата против криминалот…
„Да видам некои можности кои би ја унапредиле и позицијата и би внеле нови вредности во самата политичка агенда на Македонија во наредните години. Ако тоа успееме да го направиме, паралелно со тоа беспрекорно да ја извршиме функцијата претседавач на ОБСЕ, Македонија навистина ќе добие можност да се афирмира како држава која има активна улога на меѓународната сцена“, рече Тихомир Илиевски – амбасадор.
Амбасадорот Илиевски вели дека многу порано требало да се формираат експертски групи кои независно од активностите на министерот, би можеле да ја афирмираат земјава со своите контакти.
„Ние ова претседавање со ОБСЕ требаше да го осмислиме уште многу порано, а не од почетокот на оваа година, туку две-три години порано, требаше да формираме посебни активни екипи на луѓе кои се исклучителни експерти во разни области чиј фокус е предметот на работата на ОБСЕ, како што се судството, миграцијата, борбата против тероризмот….“, додава Илиевски.
Одговарајќи на прашањето какви се можните последици кон Македонија на билатерален план во иднина, со оглед на пораките кои Скопје ги испраќа од името на ОБСЕ сега кон разни држави, Илиевски вели дека идејата е меѓусебните односи да доживеат подем. Сепак, како што додава амбасадорот, би било подобро доколку експертска група ги следела настаните и пораките на министерот, за да може да изврши корекции и да не се случи дебакл во некои од билатералните односи.
Лука Андреев