Пендаровски: Далеку сме од комплетирање на уставните измени

И на денешната владина седница не беа разгледани нацрт-амандманите за уставните измени, и нема објаснување зошто овој чекор продолжува да се одолговлекува. Претседателот Стево Пендаровски, рече дека очекува овие предлози да бидат одобрени од страна на Владата во следните две недели, истакнувајќи дека процесот е далеку од завршен. Тој ја даде оваа изјава од Самитот на шефови на земји-членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Подгорица.
Собранието, од друга страна, е подготвено за оваа постапка. За претседателот на Собранието Талат Џафери, нема да биде проблем пратениците да работат и во август, кој вообичаено е месец за нивниот колективен одмор.
„Не е важно дали ќе дојдат во август или кога ќе дојдат. Прашањето е кога ќе го добиеме материјалот, тогаш почнуваат процедурите и течат роковите. Не е важно дали е јули или август. За Собранието нема пречка ниту во јули, ниту во август, ниту во септември, рече Џафери.
Во меѓувреме, опозиција се чини дека не се поместила ни милиметар од својата позиција. Нема да има уставни измени со овие услови, а решението е предвремени избори. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Брисел, каде што е во работна посета, рече дека владините претставници бараат од меѓународната заедница да изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог-уставните амандмани беа подготвени од работната група пред повеќе од еден месец. Целата постапка за уставни измени во просек трае од 4 до 5 месеци.
Фатлуме Дервиши