ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Пентагон: Демократијата и владеењето на правото во С Македонија се важни за регионалната и глобалната безбедност

Важно за регионалната и глобална безбедност е Северна Македонија да се фокусира на демократијата и владеење на правото, рече заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика Спенсер Бојер за Гласот на Америка на македонски.
На прашањето дали верува дека корупцијата во Македонија е закана за нејзината национална безбедност, тој вели дека она што ставот на Пентагон е оти владеењето на правото и демократијата се важни за да се има силни системи кои ќе придонесат и за регионалната и за глобалната безбедност.
„Ќе оставам на моите колеги од Стејт департментот да зборуваат за политиката и политичките напори што ги имаме со Северна Македонија. Она што можам да го кажам од страната на Одделот за одбрана е дека го гледаме нашиот однос како расте и како вистинска основа за севкупните билатерални односи. Се разбира, ние се грижиме за демократијата и владеењето на правото во целина за сите наши сојузници и партнери. Сметаме дека фокусирањето на тие работи и постоењето силни демократии се важни за да се има силни системи за да бидат отпорни, да придонесат пошироко за регионалната и глобалната безбедност. Така што тоа е секогаш важно“, вели Бојер.
И за членството на земјава во ЕУ, тој нагласува дека тоа е важно за безбедноста и стабилноста пошироко и тоа, вели, е нешто што САД го поддржува.