ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Упатството на Лога за етничката припадност, пред Уставните судии

Личното мислење на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска е дека е неуставно Упатството што го донесе министерот за правда Кренар Лога. Со Упатството се предвидува впишување на графа за националност во изводите, венчаниците, умрениците и други документи коишто ги издава Управата за водење на матични книги. Вчера Уставниот суд реши самоволно да покрене иницијатива за оценување на законитоста на Упатството на Лога.

Advertisements

„Не можам да ги откријам моите сомнежи. Најпрвин треба да се почека судијата известител кај кого се наоѓа иницијативата да го изготви Рефератот за предметот. Можеби тој нема да го дели моето мислење, а секако на крајот при одлучувањето мојот глас е само еден“, вели Кацарска.

Кацарска брифира дека рефератот за предметот се очекува многу скоро да биде изготвен. Согласно Упатството изводите веќе треба да се издаваат со етничката графа, додека пак венчаниците и умрениците од први јануари 2024 година. На прашањето дали Уставниот суд ќе го замрзне процесот и ќе донесе времена мерка за паузирање додека не се донесе конечна одлука, Кацарска одговори дека и оваа опција ќе може да се покрене само откако нејзиниот колега ќе го изготви Рефератот.

Во меѓувреме, од Министерството за правда повторија дека Упатството е донесено да одговори на Законот за матична евиденција.

„Графата за националност е задолжителна. Упатството не се коси со законите, напротив, донесувањето на Упатството, и внесувањето на националност во изводите се заснова токму со Законот за матична евиденција“, наведуваат од Министерството за правда.

Иницијативата што вчера ја покрена Уставниот суд се однесува само на Упатството на Лога, но Кацарска не ја исклучи можноста евентуалната одлука на Судот да влијае и на разгледување на Законот за матична евиденција. Министерот за правда сметаше дека на ваков начин ќе се избегнат злоупотребите на балансерот, кога кандидатите лажно се изјаснуваа како Албанци, Роми, Турци во зависност од квотата за вработување во определена институција. Дел од правните експерти реагираа велејќи дека етничката припадност е индивидуално чувство и не може да биде бирократски одредено.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button