Бектеши со јавна покана до Мицкоски да ја посетат компанијата на Шкумбин Ахмети во Кичево
Бектеши со јавна покана до Мицкоски да ја посетат компанијата на Шкумбин Ахмети во Кичево

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска упати јавна покана до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и заедно со новинарите да одат да ја посетат компанијата на синот на претседателот на ДУИ Али Ахмети, Шкумбин Ахмети и јавно да бидат презентирани сите документи што работела неговата фирма од денот на основање до овој момент.
Бектеши потенцира дека Шкумбин Ахмети има приватна фирма која се занимава со архитектура и главно сите негови проекти се за потребите на одредени компании во Швајцарија.
-Во однос на наводите на ВМРО-ДПМНЕ за синот на Ахмети, денеска сакам да го повикам јавно господинот Мицкоски во мое лично име и заедно со мене, имајќи во предвид дека и тој има потекло од Кичево и Кичево е многу мал град, сите се знаеме меѓу себе, да одиме во Кичево да ја посетиме канцеларијата на господинот Шкумбин Ахмети и пред медиумите заедно со господинот Мицкоски да видиме што работи Шкумбин Ахмети во последните пет години. Тој има приватна фирма која се занимава со архитектура и главно сите негови проекти, повеќе од 99 отсто се за Швајцарија и тој прави цртежи за потребите на одредени други компании во Швајцарија, која нема никаква поврзаност со Република Македонија, а посебно со институциите кои бараат такви услуги, рече Бектеши. /MIA