Ковачевски: Уставните измени за две недели во Собрание, нема избори наесен
Ковачевски: Уставните измени за две недели во Собрание, нема избори наесен

Премиерот Димитар Ковачевски најавува дека уставните измени наскоро ќе бидат поднесени во Собранието.
„Уставните измени ќе бидат поднесени во Собранието во текот на наредните две недели и ќе отпочне процес на дискусија согласно со процедура за истите во Собранието, таму каде што и е местото“, кажа Ковачевски денеска од Свети Николе.
Тој посочи дека избори нема да има наесен. Не одговори прецизно дали се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дали има поддршка од опозицијата, но дециден беше на прашањето дали ако не се гласаат уставните избори, наесен би имало избори.
„Во земјава наесен нема да имаме избори. Изборите ќе бидат идната година, претседателски, па парламентарни. Процесот на уставни измени не е поврзан со мандат на Влада, тој е поврзан со европската интеграција на државата и обврска на секоја политичка партија е да ги поддржи европските интеграции. Кога ќе бидат разгледани амандманите на Уставот од страна на Владата, тие ќе бидат јавно соопштени и јавно објавени и тогаш сите граѓани ќе можат да се уверат дека се работи за технички амандмани со коишто нешто што веќе е факт во Уставот, според кажувањето на најголемите експерти во државата, ќе биде дополнително внесено во Уставот во делови на други народи коишто живеат во државата“, кажа Ковачевски.
Премиерот смета дека обврска на секој пратеник и на секоја политичка партија во Собранието е овој процес да го поддржи сè до завршување на преговорите до 2030 година и зачленување на државата во Европската Унија.