Власта еден по еден ќе му ги кандисува пратениците, откако Мицкоски рече „не“ за Уставот
Власта еден по еден ќе му ги кандисува пратениците, откако Мицкоски рече „не“ за Уставот

Дека Мицкоски сака само власт и ништо друго докажува изјавата дека се повлекува од разговорите со Владата за уставни измени и бара предвремени парламентарни избори, коментираше денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според него, Владата и коалициските партнери остануваат подготвени да ги исполнат условите на опозицијата, вклучително и чекорите на германскиот Бундестаг и гаранциите од Брисел дека нема да има нови барања од Бугарија. Османи рече дека мнозинството ќе ги продолжи преговорите со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од овој вчерашен одговор можам само да ви се заблагодарам бидејќи на најдобар начин ги потврдија нашите позиции дека немаат услови, немаат предуслови, ја немаат европската иднина на државата, тие имаат само една тема: нивниот интерес за власт, предвремени избори, нивните позиции во Владата. Секако, другиот начин на разговори е со пратениците еден по еден и тоа продолжува“, рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Мицкоски најави замрзнување на разговорите со Владата и повика на предвремени избори наесен. Тој останува на ставот дека ќе ја напушти политиката доколку макар и еден негов пратеник ги поддржи уставните измени. ВМРО денеска обвини дека СДСМ не прифаќа ниту едно нивно барање.
„СДСМ не прифати ниту еден од предлозите за заштита на македонските интереси како што се: 1: Суспензивна моќ на уставните измени до членството на Македонија во ЕУ. 2: Барањето за гаранции за идентитетот, јазикот и историјата од европските институции, 3: Барање Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и 4: Да побара финансиски пакет како помош за државата“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Бетонирањето на позициите на ВМРО доаѓа неколку дена откако премиерот Ковачевски најави испраќање до Собранието на нацрт-амандманите за уставните измени. И покрај тоа што власта нема доволно пратеници ниту за првата фаза од гласањето, од Владата тврдат дека процесот сепак треба да почне. За сценариото дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ можат да се отцепат и да ги поддржат измените, слично како што беше и при промената на името на државава, вчера зборуваше и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Адриан Керими