Претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, ги отфрла тврдењата против него

Претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини ги отфрла тврдењата наведени во кривичната пријава за злоупотреба на службената должност преку злоупотреби на АКМИС системот, семејни вработувања и намерно застарување на предмети. Според него, ниту една кривична пријава не е точна. Станувало збор, вели, за обид да се наруши неговиот и имиџот на институцијата.
„Одговорно тврдам дека во Управниот суд немало, ниту ќе има рачна распределба на судски предмети додека јас ја водам оваа институција. Ниту јас ниту некој друг не можеме да знаеме кога некој предмет ќе застари за даноци или од царини. Ретки се случаите на застарување на даночните и царинските предмети. Ова се случува само кога ќе помине 10-годишниот рок на апсолутна застареност“, вели Сејдини.
Коментирајќи ја содржината на веста објавена на Алсат, Сејдини рече дека е горд на телевизијата и оти неговите деца пораснале под медиумско образование на првата албанска национална телевизија во земјава.
„Искрено сум горд на првиот албански национален медиум Алсат М. Моите деца и моето семејство, но особено моите деца кои се родени во годините 2003-2009 година, пораснаа со Алсат. Така што не се ни дискутира кој е пренесувач на информацијата“, додава Сејдини.
Во меѓувреме, Комисијата за спречување на корупцијата најави формирање на случај врз основа на кривичната пријава.
„За овој случај е формиран предмет и ќе се постапува согласно Деловникот за работа. Предметот му е доделен на член на комисијата. Кривичната пријава против првиот човек на Управниот суд Бурим Сејдини е поднесена до нашата институција на 28.06.2023 година“, наведуваат од Комисијата за спречување на корупција.
Коментирајќи го формирањето на предметот во Антикорупциска, Сејдини кусо изјави дека тоа е законско право на институцијата и оти им посакува добра работа. Кривичната пријава доставена до органите на прогонот на анонимен начин, а која ексклузивно вчера ја објави Алсат, содржи обвинувања против Сејдини во својство на прв човек на Управниот суд за рачна распределба на предмети и намерно застарување на случаи. Од Финансиската полиција сè уште нема одговор дали се постапува по овој случај, а Судскиот совет одлучи да формира соодветна комисија за контрола на работата на Управниот суд, но дури после летните одмори.
Сејдини е на чело на Управниот суд од 2017 година, а со одлука на Судскиот совет беше реизбран на функцијата во 2021.
Адриан Керими