Контејнерите се празнат од смет, остануваат полни со политика

Вработените во Комунална хигиена го прекинаа протестот и ќе се вратат на работа. Вака одлучи извршниот одбор на синдикатот во ова скопско јавно претпријатие. Тие порачаа дека се враќаат на работа за во големите горештини граѓаните да немаат последици од сметот, а револтот кој ќе продолжат да го манифестираат, ќе биде преку законски средства.
Директорката на Комунална хигиена, Косана Мазнева изјави дека работата на претпријатието се враќа во нормала.
Мазнева вели дека МВР и Обвинителството доставиле документи со кои се докажува кривичното дело кое траело со години во ова претпријатие. Имено, градоначалничката Данела Арсовска вели дека во Комунална хигиена примале плати и вработени кои живееле во странство.
Според Арсовска, во комуналец имало и семејни вработувања. Имало дури 70 лица од едно семејство, а 43 од друго. Арсовска, исто така, обвини дека 15 години исти луѓе работат во ноќни смени и примаат за 36 отсто повисоки плати, многу од нив дури и без да одат на работа. За ова таа ги обвини претходните директори на претпријатието. Но, градоначалниците на скопските општини денеска побараа од Арсовска надлежностите на скопската Комунална хигиена и механизацијата да им бидат предадени во владеење на на општините за тие самите да формираат општински комунални претпријатија и да се справат со отпадот. Но, Арсовска ова барање го отфрли.
Мефаил Исмаили