ВМРО-ДПМНЕ: Јовески нема преземено ништо против криминалот и корупцијата

Мерките што ги презема главниот обвинител Љубомир Јовески за борба против криминалот и корупцијата, според ВМРО-ДПМНЕ, се манипулации и лаги, дури и организирани од самата власт и Јовески, кој е близок до неа. Опозициската партија вели дека Јовески кој е на функцијата главен обвинител од декември 2017 година нема преземено мерки и чекори за гонење на висок криминал и корупција.
Од СДСМ велат дека ги поддржуваат мерките за борба против корупцијата.
„Секој чекор или иницијатива што се однесува на зајакнување на борбата против корупцијата треба да се поддржи. Партиите не се ниту судии, ниту обвинители. Судството и обвинителството се надлежни институции кои треба да постапуваат и за кои граѓаните со право реагираат и се незадоволни од нивната работа. Во оваа насока очекуваме обвинителството и судовите да си ја завршат работата. Рѓата на судскиот систем како резултат на 11-годишното владеење на ДПМНЕ треба суштински да се санира“, наведуваат од СДСМ.
Комисијата на јавното обвинителство при увид во Основното обвинителство во Струга, Вишото обвинителство Битола и Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција утврди дека од 2006 година досега има вкупно 30 предмети против Рамиз Мерко и општина Струга, во времето кога тој ја водеше општината. Од нив 14 се застарени, а 16 се активни. После тоа, обвинителството на Јовески го соопшти мислењето за низа мерки кои тврди дека ги презела или ќе ги преземе: допис до сите основни и повисоки обвинители да ги ажурираат своите постапувања за сите случаи од областа на корупцијата, особено кога станува збор за избрани и именувани функционери, редовна контрола на овие случаи од страна на високите обвинителства, активирање на националниот фронт за борба против корупцијата во соработка со МВР, Финансиската полиција, Ревизија и Антикорупциска и да се најде механизам обвинителите да пријавуваат можни притисоци врз нив.
Јовески е на чело на Основното обвинителство на предлог на владата и е на листа на чекање за да биде избран за член на Уставниот суд, исто така на предлог на владата.
Фатлуме Дервиши