Министерката Шукова ќе се појави на протестот против рудникот во Иловица

Министерката за животна средина, Каја Шукова, најави присуство на протестот против рудникот во Иловица, кој за утре е најавен во Струмица.
Собирот е во организација на Иницијативата „Здрава котлина“, по веста дека владата ги споила концесиите и дека на повидок е отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.
„Точно е дека Владата донесе одлука за спојување на концесиите. Тие две концесии веќе беа издадени, со ова немаше спојување на концесискиот отпад. Јас ја разбирам загриженоста на граѓаните. Ако можам денеска да го изразам мојот личен став, јас сум истотака против нови рудници во државата. Сметам дека особено тој земјоделски крај, кадешто треба да се развива земјоделието и каде државата ги поддржува земјоделците, мислам дека тоа треба да ни биде приоритет, тоа е мој личен став. Јас ќе се придружам утре, ќе бидам во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата, во координација со премиерот и со другите министри повторно ќе ја разгледа одлуката за спојување на двете концесии, иако, повторно ќе кажам, тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, тоа само значи административно спојување на две концесии“, изјави Шукова.