ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Среде лето Струга е полупразна

Струшките плажи среде лето зјаат полупразни. Наспроти големите очекувања на угостителите дека оваа сезона ќе биде подобра од минатите две, засега тоа не е така. Лошиот пат од Кичево, немањето доволно паркинг-места, кучињата-скитници и генерално нечистотијата во околината на градот, се едни од главните проблеми кои им пречат на гостите.

Advertisements

„…Многу возила има, тоа создава многу нервоза. Немаме автомобилите каде да ги паркираме“…

„Од Радуша сме. Три дена ќе останеме на одмор. Во Струга ни е убаво и затоа дојдовме“, рекоа дел од туристите.

Ако сакате на плажа, за две лежалки и чадор ќе треба да платите 5 евра. Но и покрај законската обврска, слободни места за поставување на пешкири, речиси и да нема.

„Према порано е полупрзна. Жалосно е, но тоа е. Ние сме од Велес и патот кој оди кон Грција е многу поправ… До Солун можеш со спиење да одиш и да стасаш побрзо отколку тука. Што не ме бендисува мене… Не може да копаат улици среде лето каде треба да се шеташ, тие сега копаат. Сакаме тука да си седиме да се сончаме, а сè е зафатено. Со овие лежалки“, вели еден турист.

Хотелиерите во Струга велат дека традиционалните гости од Холандија и Полска оваа година се ретки. Оние кои доаѓаат најчесто се на пропатување од Охрид.

„Прв пат сме во Македонија. Многу убава земја, добри луѓе, убаво место и многу сме среќни. Ќе останеме седум дена. Има добар сервис во хотелот. Вчера бевме и во Охрид. Имате добри цени на производите“, вели турист од Холандија.

„…Доаѓаат многу гости и мислат дека се во Охрид. Со повеќе маркетинг, со афирмација на Струга, ќе биде добро. Сега ги очекуваме и печалбарите, тие ни се инфузија…“, вели Јахја Ате- локален продавач.

Инаку, најчесто сезоната за капење во Струга почнува кон крајот на јули.

„…Тогаш се и гужвите, особено во Струга како гастрабајтерски град. Сите гужви почнуваат после 20 јули… Кучињата секоја година се проблем во Струга. За депониите веќе излишно е да се зборува бидејќи секоја година е истиот проблем“, изјави Ана Јанчева, хотелиер.

Но, барем во едно нешто и летово Струга е попривлечна од Охрид. Тоа се поевтините угостителските услуги во рестораните. Вообичаено тие се пониски од 20 до 30 проценти.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button