ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Цената на пелетите ѝ долева масло на африканската жештина

Иако деновиве живееме со топлотен бран и портокалова алертна фаза, некои здруженија уште отсега алармираат за цената на греењето во претстојната зима. Нивната реакција следува откако Владата достави три предлог-закони со европско знаменце во Собранието, а меѓу нив и најавата за зголемување на ДДВ од 5 на 18% за увоз на пелети.

Advertisements

Ако едно просечно домаќинство троши 3 тони пелети годишно за греење, што би чинело вкупно околу 60.000 денари, отсега истото семејство ќе треба да издвои 100 евра повеќе, односно околу 66.000 денари за истата количина.

Од Здружението на увозници на пелети велат дека е смешно образложението на Министерството за финансии дека граѓаните треба да инвестираат во други извори на енергија кои не ја загадуваат животната средина.

Иако Владата има намера со скратена процедура да ги усвои фискалните реформи, здруженијата за увоз и производство на пелети бараат од опозициските партии да интервенираат со измени на Законот за ДДВ, бидејќи велат дека ова право било одбиено да се слушне при изготвувањето на предлог-законот. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата треба да ги намали трошоците пред да ги зголеми даноците за граѓаните.

Според податоците, во земјава има околу 50.000 домаќинства кои пред неколку години ги послушаа владините совети и купија печки на пелети. Централно греење користат 60.000 домаќинства.

За даночната реформа со европско знаменце минатата недела во Собранието стигнаа уште два предлог-закони. Првиот е за измена и дополнување на Законот за данок на добивка и предлог-законот за солидарен данок. Преку нив се очекува државата да наплати околу 90 милиони евра од 200 компании кои во текот на последната година од кризата имале 30 отсто поголем профит од претходните три години, односно над 10 милиони евра.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button