ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Меџити и уште двајца пратеници дел од новото политичко движење

Парламентарното мнозинство останува без тројца пратеници Изет Меџит, Мерита Коџаџик и Кастриот Реџепи. Воедно, тоа се и пратениците кои не гласаа за проширување на Владата кога дел од неа стана Алијансата за Албанците. Меџити синоќа при промоцијата на новото демократско движење рече дека за неговата постапка и на Коџаџик и Реџепи официјално ќе го извести првиот човек на Собранието. Од ДУИ, партијата од која излегоа двајца пратеници, велат дека мнозинството е стабилно и дека жалат за постапката на Меџити и неговите пријатели.

Advertisements

„Ова сегашно парламентарно мнозинство е во исти бројки од неговото формирање. Оваа Влада и нејзината програма е избрана со исти бројки како и денес. Не очекувам ова да влијае на парламентарното мнозинство“, рече Арбер Адеми, пратеник на ДУИ.

Од СДСМ кусо соопштија дека мнозинството не е намалено и дека останува стабилно. Во меѓувреме, од Алијансата за Албанците велат дека последните случувања во ДУИ не влијаат на стабилноста на парламентарното мнозинство.

„Апострофираните пратеници не беа дел од сегашното мнозинство, така што нивната одлука нема влијание врз бројките во Собранието“, рекоа од Алијанса.

Опозицијата оценува дека последните постапки докажуваат дека мнозинството и понатаму се соочува со опстанок во Собранието. Според Движењето Беса, влегувањето на АА во Владата не ги реши проблемите со стабилноста на мнозинството, туку напротив ја искомплицира. Според Фадил Зендели, потегот на Меџити ќе ја зајакне албанската опозиција во Собранието.

„Оваа парламентарна криза продолжува од порано, иако пред неколку месеци беше „кроена“ преку вклучувањето на АА во Владата, се гледа дека на ова мнозинство и недостига политичка кохезија. Не дека не пораснаа, туку се повеќе се намалуваат“, рече Фадил Зендели, пратеник на Движењето Беса.

Според ВМРО-ДПМНЕ, парламентарното мнозинство го доживува она што сакаше да и го направи на опозицијата, нејзината поделба.

Изет Меџити вчера преку промоција на новото политичко движење најави разделување од ДУИ и делување одвоено од партијата. Заедно со него се Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, а не е исклучена можноста пратениците на Алтернативата и на Движењето Беса да се приклучат во една пратеничка група.

Адријан Ќерими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button