Гори депонијата во Теарце, градоначалникот чека рабаланс на Буџетот!

Веќе две недели во дворот на општина Теарце гори џиновска депонија. Жителите се жалат дека и покрај тоа што живеат во подножјето на Шар Планина, не можат да ги отворат прозорците за да уживаат во свежиот воздух поради лошата миризба што смрди од депонијата и чадот што ги покрива околните села во вечерните часови. Главна критика на жителите е што општината не презема мерки за отстранување на депонијата меѓу селата.
„Прашајте го првиот човек на општината кој само ни ветува, а не си го држи зборот. Не можам да опишам колку е лошо. Навечер не можам да работам од депонијата, но освен тоа дома не можам да отворам прозорец. Првиот човек на општината ни вети дека ќе биде отстранета, но депонијата само се зголемува.“
„Подобро да не зборувам многу за ѓубрето. Каде да одиме? Ѓубре имаме насекаде, ни пречи, лошо е ако не го отстранат. Виновна е општината.“
„Се плашиме, секој ден таму гори нешто. Не отвораме прозорци поради депонијата. Се плашиме, општината секогаш вели – ќе направиме нешто, но ништо, не презема мерки“, реагираат граѓаните.
Градоначалникот Нухи Незири исто како и лани, се правда дека за проблемот чека помош од Владата. Општината немала пари.
„Чекаме ребаланс од Владата затоа што ни беше кажано дека со ребалансот овој дел ќе влезе во буџетот не само од Владата, туку и од општината за да може барем опожарениот дел да се санира. Но, свесни сме дека тоа го прават неодговорни и несовесни граѓани кои на овие тропски температури палат отпад што може да предизвика не само материјална штета“, вели Незири.
Додека граѓаните чекаат да се исчисти депонијата, младите спортуваат среде ѓубре бидејќи нивниот стадион е опкружен со смет.
Башким Сулејмани