ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Утре во Собранието прва расправа за уставните измени

Утре во Комисијата за уставни прашања започнува собраниската процедура за внес на Бугарите и другите делови од народи во Уставот. Со Комисијата претседава спикерот Талат Џафери, а расправата се очекува да трае десетина работни дена. Џафери веќе ја закажа и пленарната седница на која би се гласало потребата за отворање на Уставот, за 18 август. Утре пак во работата на Комисијата ќе учествуваат и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но според претседателот на партијата Христијан Мицкоски, тоа не значи дека има промена во ставот за уставните измени.

Advertisements

„Еве, утре ќе бидеме таму присутни и еве кога ќе биде точката ставена на дневен ред, членовите од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница“, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, власта доколку можела да пронајде барем еден пратеник од опозицијата што би гласал „за“ веќе ќе можела да го смени од претседателската фотелја во партија, но во тоа не успеала.

Прашан за пораките од министрите од земјите на ЕУ кои изминатиов период ја посетија земјава, а дел од нив најавија раздвојување на Македонија од евроинтегративниот пакет со Албанија ако не се случат уставните измени, Мицкоски одговори:

„Јас и посакувам среќа и успех на Албанија и на сите останати. И ако овие бирократи тоа го дозволат, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон овој можеби малуброен народ, но горд и достоинствен народ“, рече Мицкоски.

Претходно во текот на денот социјалдемократите обвинија дека Мицкоски се ставил на спротивна страна од државните и националните интереси. Според нив, секој кој работи на блокирање на европската иднина на земјава работи против стратешката цел за зачленување и како што велат, токму тоа го прави Мицкоски одработувајќи за туѓи интереси.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button