Одбиено барањето за јавна расправа за законот за солидарен данок

Парламентарното мнозинство го одби барањето на ВМРО-ДПМНЕ, за јавна расправа по Предлог-законот за данок на солидарност. Дебатата за овој закон денеска започна во Комисијата за европски прашања по скратена постапка односно со европска ѕвезда. Опозицијата побара расправата да се одржи во Комисијата за финансии и буџет.
Но и за ова барање гласовите за, не беа доволни. По двата неуспешни обиди на ВМРО, дневниот ред беше изгласан, а потоа започна расправата за предложените амандмани. Првиот амандман беше одбиен од министерот Фатмир Бесими, а според Златко Пенков од ВМРО ДПМНЕ најголем недостаток на Законот за данок на солидарност е што не се знае каде ќе се пренаменат парите што ќе се земат од фирмите.
Пратеничката на СДСМ, Санела Шкријел, рече дека законот ќе има добро влијание врз економијата на земјата, бидејќи според неа, парите ќе бидат земени од компании кои имале огромни профити во услови на криза и тие пари ќе бидат дадени на граѓаните во рамки на мерките за помош при кризи.
Според официјалните проценки, околу 90 милиони евра се очекува да се соберат преку солидарниот данок. Од приходите пријавени во УЈП за 2022 година, овој данок ќе треба да го платат повеќе од 200 компании. Пресметката е едноставна, секое претпријатие кое остварило 30% повеќе приходи од изминатите 3 години а истовремено овој процент надминува 10 милиони евра, ќе треба да го плати солидарниот данок.
Еви Шкопи