За рудниците опозицијата ја обвинува власта, а власта го обвинува Груевски

Концесиите за рудниците Иловица-Штука ги судрија власта и опозицијата во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ праша зошто било дозволено спојување на концесиите кога се знае дека без исполнување на условите, на приватните компании им се дава законска можност да победат на меѓународен арбитражен суд. Тони Јаревски вели дека на 27 јуни годинава на седница на Владата, на која сите министри биле присутни, имало дополнителна точка на дневен ред за спојување на концесиите на рудниците, но после тоа никој не знаел што е изгласано. Наведувајќи ги по име министрите кои биле присутни на седницата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие тајно сакале да го деблокираат процесот за спојување на рудниците за злато и бакар, иако знаеле дека тоа нема да се случи.
Министерот за економија одговори дека случајот потекнува од 2005 година кога на власт бил ВМРО-ДПМНЕ. Крешник Бектеши смета дека сега мора да се најде акт за еднострано повлекување на државата од договорот за концесија без плаќање надомест.
.Кога ќе споменете имиња, споменете ги сите. Споменете го Орце Камчев и Зоран Ставревски кои ви ги напишале говорите од Белата палата, затоа што тој ја дал концесијата. Ќе го споменете и Никола Груевски, кој ја потпишал концесијата за експлоатација. Ако се плашите, тоа е ваша работа и сите го забележуваат тоа. Знам зошто не ги споменувате бидејќи изгледате како некој довод кој некој може да ви го запре“, рече Бектеши.
Реагираше и премиерот Ковачевски, кој рече дека сите согласности од институциите во времето на Груевски биле дадени во корист на концесионерот, односно дека копањето руда нема да биде опасно и покрај тоа што во производството ќе се користи цијанид. Но, тој нагласи дека рудниците никогаш нема да се отворат ако го загрозуваат здравјето на луѓето и нанесуваат штета на животната средина.
Со последната одлука од пред два дена на Владата, одлуката за спојување на концесиите беше повлечена. Сепак, проблемот не е решен, бидејќи концесионерот има законско право да поднесе ново барање или да ја тужи државата во Управниот суд за укинување на одлуката. Потоа може да продолжи и во Меѓународниот арбитражен суд за надомест на штета доколку не им се дозволи отворање на рудниците за злато и бакар во струмичкиот регион.
Аднан Ќаили