Османи: Се раситнува албанскиот политички блок

И покрај тоа што БЕСА, Алтернатива и дел од огнената група разговараат за евентуален заеднички настап на наредните парламентарни избори, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи оценува дека во албанската политичка сцена се случува раситнување, а не обединување. Тој најновите партиски случувања ги препиша на активностите на, како што тој го нарече, хибридниот политичко-економски центар.
„И од ДУИ се одвои една група пратеници и од БЕСА се одвои и од Алтернатива се одвои една група. Така што имаме раситнување во албанскиот политички блок. Јас го ставам ова во контекст на тој хибриден политичко-економски центар, којшто според нашите информации се има договорено по однос на три главни правци, односно заклучоци“, рече Османи.
Според Османи, трите цели на т.н. центар, наводно формиран од олигарси и политичари, се раситнување на албанските партии, зачувување на капиталот од приватизацијата, како и меѓусебна неказнивост. Тој вели дека идејата на овие олигарси и политичари е да го зачуваат монополот во економијата и во политичкиот живот, наспроти делувањето и моќта на албанските партии во Македонија. Иако претходно изјави дека овој центар работи конкретно против ДУИ, сега Османи ретерира.
„Не да се руши ДУИ туку да се создадат локални политички партии коишто ќе се занимаваат меѓу себе и нема да може да ги ризикуваат тие интереси на тие олигарси. Мислам дека е штетно за нормалното функционирање и интересите на државата, бидејќи тие се политики на раздвојување“, додава Османи.
Потпретседателот на ДУИ кажа дека намерата на овие лица е осудена на пропаст. Османи додаде дека ги знае имињата на овие политичари и олигарси, но како што рече, во оваа фаза нема да ги открие.
Лука Андреев