ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ: Уставни измени со фолирања нема да има

Условените оставки на петте министри на ДУИ не доведоа до промена во партиските позиции во однос на процесот на уставните измени. Од ДУИ информираа дека оставките на нивните министри ќе бидат ефективни кога ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за измените, но од опозициската партија бараат оставките да стапат на сила веднаш. Според ВМРО-ДПМНЕ ова е уште еден чекор да се одолговлечат предвремени избори.

Advertisements

„Уставни измени со вакви фолирања нема да има. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ако сака Артан Груби веднаш нека си поднесе оставка, но проблем не е само ДУИ туку и СДСМ да поднесат оставки, ама неотповикливи и да одиме на брзи предвремени парламентарни избори“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за косовска телевизија истакна дека ДУИ е подготвена, покрај министерските позиции, да се откаже и од техничката Влада со премиер Албанец. Според Груби, на опозицијата не и пречело Бугарите да влезат во Уставот, туку како што оцени и пречело присуството на Албанци во Владата.

Инаку, социјалдемократите денеска повторно го повикаа Христијан Мицкоски да избере дали е за евроинтеграција или за изолација. Од СДСМ истакнаа дека оставките ќе стапат на сила кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа „за“ и порачаа дека сега Мицкоски е на потег.

„Со претходно донесените одлуки на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да ги поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ. Ставајќи го државниот пред партискиот интерес СДСМ и ДУИ покажуваат одговорност кон врвната стратешка цел“, рече Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.

Вчера и од Алтернатива, истакнаа дека чинот со оставките е дефокус од корупцијата. Сличен став пристигна и од Движењето на Изет Меџити, од каде рекоа дека ДУИ треба да поднесе оставки, но поради криминалот, злоупотребите и црната листа, а јавноста сега, како што истакнаа од Движењето, сведочи на театар.

Од Владата нема одговор дали оставките на министрите се и формално поднесени и дали премиерот Димитар Ковачевски планира да ги прифати. Според Деловникот за работа на Собранието, министер поднесува оставка до претседателот на Владата, а потоа тој поведува постапка за разрешување пред пратениците.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button