Ивановска: Спротивно на препораките од Брисел, Обвинителството ги замрзна контактите со ДКСК

„Корупцијата е распространета во многу области во јавноста и бизнис окружувањето и се уште претставува област за сериозна загриженост“, се вели во нацрт-извештајот кој Брисел го подготви по завршувањето на скрининг процесот за првиот кластер од преговорите. Овој кластер го опфаќа и поглавјето 23, кое прво се отвора за време на преговорите и последно се затвора, а ги опфаќа и состојбите во правосудството и борбата против корупцијата. Според европските експерти антикорупциските мерки имаат ограничено влијание во ранливите сектори.
„Потребен е систематски пристап во справувањето со корупцијата со цел да се одговори на ризик-факторите: силното политичко влијание во јавниот сектор; ниската стапка на санкционирање на случаи на корупција, неконзистентните прописи; ниското ниво на спроведување на мерките за интегритет, недоволната транспарентност, систем за надзор и контролни механизми во јавниот сектор“, пишува во Нацрт скрининг извештајот.
Според Комисијата на ЕУ имплементацијата на Стратегијата за борба против корупцијата се одвива многу споро и само 10% од предвидените активности се целосно реализирани во 2022-рата година. Оттаму оценуваат дека Антикорупциската комисија во земјава е проактивна, но потребно е да продолжат напорите за да се подобри нејзиното функционирање. Се наведува дека на ДКСК и се потребни повеќе финансии, но и вработени, особено со истражувачко искуство, кои детално ќе ги прегледуваат анкетните листови на функционерите. Брисел бара соработка меѓу Антикорупциската и Јавното обвинителство, во време кога Обвинителството предводено од Ислам Абази одлуи да ги прекине контактите со Антикорупциката лут зашто комисијата објавила детали за одземениот имот на Кочан кој завршил во приватни раце.
„Европската Комисија смета дека треба да се подобри соработката помеѓу ДКСК и Јавното обвинителство, особено во делот на иницијативите и препораките коишто ДКСК ги испорачува до ЈО. Тие сметаат дека неодамна склучениот Меморандум за соработка ќе придонесе во оваа област, меѓутоа како што сами знаете неодамна Обвинителството ја замрзна на некој начин соработката, којашто се базираше на Меморандумот иако законските основи за двте институции се јасни“, вели Билјана Ивановска – претседател на ДКСК.
Инаку во Извештајот во делот посветен на правосудните органи Комисијата истакнува и дека има мал број на конечни пресуди за случаи од висока корупција, што доведува до култура на неказнивост.
„Постои голема разлика меѓу бројот на истраги и бројот на правосилни пресуди. По донесувањето на првостепените пресуди, значителен е бројот на случаи каде што одолговлекувањето на судската постапка резултира со застареност. Случаите треба да се менаџираат на поефикасен начин преку судскиот систем за да се обезбеди навремена правда“, се наведува во Извештајот.
Генералната оценка на Брисел е дека Македонија има одредено ниво на подготовка во борбата против корупцијата, а законската регулатива во оваа област е делумно усогласена со европската.
Лука Андреев