Таравари: Се надевам дека уставните промени сè уште се можни

Алијансата за Албанците воопшто не разговарала за својата позиција во Владата, доколку уставните измени не бидат одобрени. Лидерот на оваа партија, Арбен Таравари, од јавен настан во Гостивар, изјави дека доколку процесот не успее, следуваат предвремени избори.
„Се надевам дека уставните промени сè уште се можни. Ако не се реализираат тогаш имаме нов момент и тој момент треба да се испита во органите на партијата и да се излезе со став. Верувам дека ако не се изгласаат уставните измени, сепак ќе бидеме во ситуација да одиме на предвремени избори, верувам дека тие парламентарни избори ќе бидат заедно со претседателските. Исто како што не мислам дека вреди да се одржат избори во ноември или декември, така не мислам дека вреди редовни избори да има во август или септември“, рече Таравари.
Надеж дека уставните измени ќе бидат усвоени има и кајпремиерот Димитар Ковачевски. Во интервју за новинската агенција МИА, Ковачевски повика на единство меѓу парламентарните партии.
-Роковите си ги поставуваме ние, тоа е многу важно да се знае. Да, скринингот ќе биде завршена кон крајот на годината и што е најважно, успешно. Но дали ќе има одлука за уставни измени, па продолжување на европскиот пат, зависи само од нас. Одговорноста е пред сите општествени чинители, пред сите сериозни парламентарни партии, пред сите пратеници. Мислам дека пратениците нема да ја пропуштат оваа можност. Ако некој е искрен пред граѓаните, ќе направи се за да ја обезбеди европската иднина на земјата, за идните генерации. И обратно, ако не е искрен, ќе бара изговори, ќе користи дефиниции, ќе пресметува“, рече Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека е завршена можноста за единство меѓу политичките партии. Според нив, уставните измени нема да се спроведат.
Собраниската седница за разгледување на иницијативата за измени на Уставот е закажана за 18 август. Пратениците треба да гласаат за потребата од промени, за што исто така се потребни 80 гласови.
Фатлуме Дервиши