Култура: Тетовската библиотека ќе се дислоцира на место со соодветни услови

Еден ден по прилогот на Алсат за евентуална дислокација на тетовската библиотека, од Министерството за култура ги потврдуваат намерите. Според Министерството, евентуалната дислокација на оваа институција ќе биде во согласност со потребните услови за работа.
„Министерството за култура постојано ги разгледува потребите на националните институции кои се под нејзина надлежност. И Домот за култура во Тетово и тетовската библиотека се под надлежност на Министерството за култура. Во соработка со нив, Министерството за култура е насочено кон решавање на проблемот со недостигот на простор што е барање на библиотеката. Можната дислокација ќе биде со исполнување на соодветните услови за нејзино функционирање“, наведуваат од Министреството за култура.
Од ова Министерство не објаснуваат зошто ќе има дислокација, кога се знае дека местото каде што се планира библиотеката, според вработените, воопшто не ги исполнува условите за оваа активност, бидејќи просторот предвиден на Факултетот за музичка уметност е поделен на училници. Исто така, од Министерство не добивме одговор за тоа кој ќе го користи просторот каде што во моментов се наоѓа тетовската библиотека. Вчера од Домот за култура соопштија дека овој простор ќе се отстапи на делегацијата на ЕУ.
„Всушност, сè е по барање на Министерството за култура, по што се очекува Владата да донесе одлука во просториите каде што се наоѓа Тетовската библиотека да биде сместена Делегацијата на Европската заедница, и да се премести Тетовската библиотека. Библиотеката ќе биде таму каде што во моментов се наоѓа Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово“, рече Вулнет Фејзулаху, Дом на култура „Иљо Антески Смок“.
Инаку, според одговорните во Домот за култура, наредните денови се очекува одлуката за дислокација на Библиотеката од страна на Владата да биде донесена.
Башким Сулејмани