ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата на Апелација за велешанецот, кој прегази дете на пешачки, е срам за државата и судството

Пресудата на Апелацискиот суд Скопје со која му беше и повеќе од преполовена провостепeната затворска казна на велешанецот, кој усмрти 11-годишно девојче во сообраќајна несреќа, е во најмала рака срам за државата и судството, се вели во писмената реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Преиначувањето на пресудата од 18 години затвор, на 8 години, од страна на Апелација, за Николов, кој во Велес ја прегази малата Магдалена и ја повреди нејзината мајка, е во најмала рака срам за државата и судството, кое веќе нема ни 1 отсто доверба кај граѓаните. Како олеснителни околности, судот навел дека лицето кое го извршил овој акт, бил млад и не бил женет“, велат од партијата.
Оттаму, во писменото соопштение објавено утрово, прашуваат: Како може да има олеснителни околности за лице кое вози под дејство на алкохол, прегазува мало девојче на пешачки премин, воедно ја повредува нејзината мајка и потоа не застанува, не дава помош, туку напротив се дава во бегство и полицијата го бара неколку дена?
„Ова се случува кога цвета корупцијата во судството и кога судиите се избираат во партиските штабови на ДУИ и СДС. Правда и одговорност мора да има за сите инволвирани во овој трагичен настан, тоа го бараат граѓаните“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сообраќајната несреќа во која 28-годишниот велешанец Ангелче Николов возејќи под дејство на алкохол прегази мајка и нејзината 11-годишна ќерка се случи на 17 декември минатата година во строгиот центар на Велес, на улицата Борис Трајковски. Од силината на ударот, малолетното девојче било исфрлено речиси до следниот пешачки премин наљ улицата и починало. Возачот Николов воопшто не запрел, туку продолжил да вози со голема брзина. Неговиот „мерцедес“ полицијата брзо го пронајде, а Николов самиот се пријав во полиција два дена по сообраќајката.