ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ќучук повикува на консензус за уставните измени

Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук, во интервју за бугарски медиуми вели дека за земјава нема дополнителни услови на патот кон ЕУ и порача дека е неопходно да се усвојат уставните измени за да започнат фактичките преговори за членство. Според европратеникот неопходно е да започне тешката дебата за уставните измени и да се изнајде општествен консензус и политичка согласност. Ќучук додава дека било оставено доволно време за власта и опозицијата за дебатата да започне.

Advertisements

„Може да има тешки расправи по однос на буџетот, на социјалната политика, може да се спори за дневниот ред на македонското Собрание, но кога станува збор за стратешките цели, како влезот во НАТО и ЕУ, мора да има обединување, кое за жал не го гледам. Се игра игра со стравовите во македонското општество, но не, никој не поставува дополнителни услови“, вели Ќучук.

Ќучук вели дека македонската политичка елита е исправена пред избор – дали ќе продолжи на патот кон Унија и ќе спроведува општествено-социјални реформи или пак ќе се вклучи во група на земји кои немаат јасна европерспектива. Тој кажа дека постои реален ризик Албанија да продолжи по евроинтегративниот пат, но без Македонија.

„Тука во групата влегуваат Албанија и Црна Гора и од друга страна Северна Македонија ќе остане во групата со Србија, со Косово и со Босна и Херцеговина, односно земји кои имаат тешки билатерални прашања, земји кои решаваат проблеми создадени од војни во блиското минато и Северна Македонија ќе се присоедини кон оваа група“, додава Ќучук.

Тој исто така додаде дека е возможно и Украина да започне да преговора за членство пред Македонија доколку не се усвојат уставните измени. Според Ќучук, примерот со Македонија не може да се спореди ниту со Турција, бидејќи Турција барем има отворено преговарачки поглавја, за разлика од Македонија која може да си го блокира патот кон ЕУ само со завршен скрининг процес.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button