Ако посетата на Курти била приватна, кој му дозволи полициско обезбедување, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Ако СДСМ и ДУИ не знаеле за посетата на косовскиот премиер Албин Курти, тогаш кој дал дозвола за негово полициско обезбедување, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ откако од кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски нагласија дека посетата на Курти била приватна.
„Дали доколку Албин Курти бил на приватна посета во Македонија му следи целосно обезбедување од МВР. Спасовски да одговори по кој основ и му е доделено полициска заштита во приватна посета и кои ќе ги плати трошците за ангажирање на службени лица од МВР“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму нагласија дека „СДС се прават дека ништо не знаат, за ништо не се виновни, како да се паднати од Марс и за промената на имињата на улиците од 2021 година“.
„Едногласно и шверцерски СДС и ДУИ во март 2021 година променија околу 500 имиња на улици, мостови и други објекти во Скопје, меѓу кои и улицата ‘Втора македонска ударна бригада’ во ‘Адем Демачи’. Без никаква поврзаност со историјата на државата, ниту пак некаква поврзаност со Скопје има Демачи, напротив тој е познат по националистичките сфаќања за туѓи држави. Немајќи реални проекти за граѓаните, секојдневниот криминал и кражба на државата, ДУИ и СДС го покриваат и дефокусираат со националистичка агенда“, се додава во соопштението на најголемата опозициска партија.