ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЕУ замижа за лошото судство во Бугарија и Романија, а во Македонија?

Нацрт скрининг извештајот на Европската комисија, посветен на кластерот кој го опфаќа правосудството во земјава, реално ја одразува состојбата во општеството, коментира аналитичарот Марко Трошановски. Според него, за разлика од минатите извештаи на Брисел, овој има посилна нота на критичност за состојбите и за застојот во реформските процеси. Во анализата на Извештајот, Трошановски оценува дека фокусот е поставен на неефикасноста во правосудството и застарувањето на предмети за висока корупција, а за ваквата ситуација во најголем дел се посочува работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Advertisements

„Конечно како јавност, како политичка јавност, треба да сфатиме дека овие работи треба да ги правиме заради самите себе. Не ни е потребен скрининг европски Извештај за да констатира како не работат судовите или како Судскиот совет се претвори во гротеска, туку реално да ги подобруваме работите заради нас самите“, рече Трошановски.

Првиот човек на Институтот за демократија додава дека во Извештајот се поздравува работата на Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија. Сепак, отсуствува политичка волја за спроведување на нивните препораки и мерки од националната Стратегија за борба против корупцијата и процесирање на нивните пријави од страна на Обвинителството и МВР.

„Самиот Извештај тоа го наведува многу јасно и кажува „отсуство на политичка волја“. Кога гледате дека 10%, односно една од десет мерки сте провеле за коишто сте се заложиле, тоа кажува дека вас тотално не ве интересира најголемиот проблем на земјата“, додава Трошановски.

Трошановски додава дека во иднина досието на завршени реформи за земјава во овој кластер би било многу слабо ако се продолжи со актуелното темпо и ако, како што вели, се продолжи со гласање за партии кои не прават ништо во овој дел и ако не се нудат други политички алтернативи. Сепак, додава Трошановски, овој кластер може да биде проблем за време на преговорите, но не и доколку ЕУ замижи како во случајот со Бугарија и Романија.

„Во иднина може да ни биде предизвик, ако е објективна, доследна, принципиелна и фер таа проценка од страна на Унијата, а ние ништо не правиме во врска со тоа. Но, ако се замижува, се толерира во име на стабилноста, во име на геополитички интереси, мислам дека и тоа како се усовршени домашните политички актери да продолжат да ги одолговлекуваат реформите“, вели Трошановски.

Инаку генералната оценка на Брисел во Извештајот кој беше објавен пред неколку денови е дека Македонија има одредено ниво на подготовка во борбата против корупцијата, а законската регулатива во оваа област е делумно усогласена со европската. Но, корупцијата е распространета во многу области во јавноста и стопанството.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button