
Формирање работна група што ќе предложи решенија кои ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови пакети мерки за помош и поддршка на пензионерите. Ова било заклучено на денешниот состанок на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, кој следува по вчерашниот протест на пензионри кои и ги доставија своите барања на министерката во однос на зголемување на износот на пензиите и на минималната пензија.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП), на состанокот со Тренчевска присуствувале претседателката на Сојузот, Станка Трајкова, и претседателите на здруженијата на пензионери од Прилеп, Штип и Охрид.
Работната група што ќе се формира ќе биде составена од претставници на МТСП, од Владата и Сојузот на пензионери и од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
-Работната група треба да работи на решенија кои ќе бидат одржливи, кои не ја нарушуваат стабилноста на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и кои, пред се, ги почитуваат потребите на пензионерите, информира МТСП.