Али Ахмети ги избегна новинарите, ни збор за Курти, Ганиу и Касами

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на прес-конференција ги избегна новинарските прашања и продолжи да молчи во однос на контроверзиите по посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Тетово и Чаир. Ахмети не им даде никаква можност на новинарите за прашања и си замина откако се обрати по приватната средба со косовскиот министер Либурн Алиу, во врска со патот Тетово-Призрен.
Ова е шести ден откако изби дебата по посетата на Курти и употребата на поттикнувачка иконографија, како што ја нарече македонската јавност, односно веењето на знамето „автохтони“ и знамето со картата на Голема Албанија. ДУИ е без коментар дури и за името на улицата што беше свечено промовирано, а нема став и за поканата во полиција на градоначалниците на Чаир и Тетово, Ганиу и Касами, кои беа организатори на пречекот на Курти. По бројните комуникации и големиот интерес од АЛСАТ, дури доцна синоќа, претседателот на Алијанса за Албанците, албанскиот владин партнер во Владата, Арбен Таравари изјави дека секој премиер е добредојден и го поздрави новото име на улицата Адем Демачи.
„Нема ниту прекршок, ниту нешто за да се канат во полициски станици и тоа е претерано. Премиер на соседна земја, како што е Албин Курти е добредојден насекаде, во сите албански општини, но верувам и во другите општини во РСМ. Го поздравувам именувањето на улицата Адем Демачи и посакувам во што е можно повеќе општини да имаме промена на имињата на улиците“, рече Таравари.
По реакцијата на највисоките институции на државата, вчера Косово реагираше преку претседателката, Вјоса Османи, која порача дека институциите на С Македонија треба да ја почитуваат државотворната улога што албанската заедница ја имала и ја има во градењето на државата. Веењето на знамето на Голема Албанија, според Османи, не било организирано, туку иницијатива на граѓанин, отфрлајќи ги јавните обвинувања во С Македонија за наводно намерно организирање.
Алсат