Власта и опозицијата со непроменети ставови во пресрет на седницата за уставни измени

На еден ден пред седницата во Собранието на кое единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Северна Македонија, власта и опозицијата остануваат на своите непроменети ставови. СДСМ очекува сите пратеници во Собранието, вклучително и опозициските, да покажат одговорност, да се приклучат на проевропскиот блок, и да дадат поддршка за уставните измени. ВМРО-ДМНЕ, пак, останува на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат под бугарски диктат нема да поддржат.
Собранието утре и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата треба да почне во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени и вметнување на Бугарите и други пет етнички групи во Уставот на државата. Токму вметнувањето на Бугарите во Уставот е потребно за земјава да ги продолжи европските интеграции и да се одржи втората меѓувладина седница и да продолжат пристапните преговори со ЕУ.