Утре седница за уставните промени, власта нема 80 пратеници за процесот

Пред утрешната пленарна седница посветена на потребата за отворање на Уставот, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека двотретинското мнозинство не ѝ е потребно на власта, туку на европската иднина на земјата. Според него, воопшто и немало суштински забелешки од страна на јавноста и опозицијата за текстот на уставните измени, бидејќи тие, како што вели, не задираат во македонскиот идентитет.
„Десетдневната дебата во Собранието е добра можност граѓаните уште еднаш да се уверат дека се работи за процес, којшто е остварување на втората стратешка цел, по членството во НАТО на нашата држава и дека што побрзо го направиме тој процес, толку побрзо ќе станеме членка на ЕУ“, рече Ковачевски.
Ковачевски додаде дека овојпат постои можност ветото за Европската Унија да дојде од дома, а не од друга држава. Премиерот обвини дека опозицијата ширела хистерија за наводна бугаризација, но откако тоа паднало во вода, го измислеле терминот „бугарски диктат“.
„Тоа е најновото сега – бугарски диктат. Доаѓаат од Европска Унија и велат – ова не е бугарски предлог, ова е предлог на ЕУ“. САД исто така кажуваат дека ова е предлог на ЕУ. Тие кажуваа едно време дека ќе ја менувале преговарачката рамка, но веќе не го зборуваат тоа“, додава Ковачевски.
И покрај обидот на премиерот да ги премисли, од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека не го менуваат ставот.
„Ковачевски нема пратеници за промена на Устав, нека се спрема за брзо заминување. Ковачевски ако имаше пратеници за уставни измени истите ќе ги ставеше на гласање многу одамна. Утре ќе се види повторно дека промена на Устав нема да има. Се што прави Ковачевски е држење на државата во заложништво заради неговата желба ден повеќе да остане на власт“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Утринава писмо до пратениците испрати и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Тој порача дека од нивната одлука ќе зависи дали земјата ќе ги продолжи преговорите или ќе ги запре на подолг рок без гаранција за успех.
Лука Андреев