Меџити, Касами и Гаши со овие барања пред утрешната седница

Ден пред седницата за потребата од отворање на Уставот, албанскиот опозициски фронт излезе со барања до мнозинството. Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши повикуваат да се изгласа потребата од уставни измени без понатамошно одложување, но при тоа да се отстрани и фразата „20%“ во уставот, како и да се усвои нивниот предлог за борба против корупцијата. Во името на Беса, Демократското движење и Алтернатива, Африм Гаши изјави дека овие три опозициски партии немаат двоумење во однос на интеграцијата, но се сомневаат во искреноста на власта за завршување на процесот.
„Бараме од претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата за измена на Уставот за да помине првата фаза од уставните измени и да влеземе во суштинскиот процес на овие измени. Потоа, го повикуваме да не се крие зад неосновани изговори, туку да ги стави во процедура и амандманите за бришење на навредливата формулација ‘20%’ за албанскиот јазик, како и амандманот против застарување на предметите на политичка корупција. Меѓуетничката кохезија и борбата против корупцијата се исто така европски принципи и вредности исто колку и обврската за добрососедски односи, ако не и повеќе“, рече Гаши.
Според Меџити, Касами и Гаши, во моментот кога ќе се докаже дека мнозинството ги нема потребните најмалку 80 пратеници за усвојување на потребата за уставни измени, тогаш ќе мора да се гласа за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори.
„Ако на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за првата фаза од уставните измени, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за интеграција во ЕУ. Ако се покаже дека тоа е вистина, тогаш не треба да губиме ниту еден момент. Во тој случај, ако нема доволно мнозинство за усвојување на првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на Собранието и распишување на предвремени избори за да се побара друг парламентарен состав кој ќе има капацитет и политичка волја да ги продолжи интегративните процеси кон Европската унија“, додава Гаши.
Од албанскиот опозициски фронт истакнаа дека ќе ја продолжат битката со оние кои го попречуваат патот кон ЕУ преку одолговлекување како што тоа го прави власта или со глумење дека се против, како што тоа го прават одредени опозициски партии.
Алсат