Изминатото деноноќие имало дури 23 пожари, четири се и понатаму активни

Во изминатото деноноќие на територијата на земјава имало вкупно 23 пожари на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во утринскиот извештај.
Од пожарите, 19 се изгаснати, но четири, како што информираат од ЦУК и понатаму се активни.
Од изгаснатите 19 пожари во изминатите 24 часа два биле во Скопје, исто толку на територијата на Општина Штип, три во Битола, а еден во Општина Долнени, кај селото Житоше.
Инаку, според извештајот на ЦУК, најмногу пожари вчера биле регистрани и на нив било интервенирано во Општина Прилеп – вкупно пет. Покрај две села на територијата на оваа општина, сува трева горела кај фирмата „Бимфуд“, фабриката „Чавле“ и „Дата центар“ во градот Прилеп.
Три пожари вчера биле изгаснати и во Куманово и Кумановско, еден во Струмица, помеѓу селата Гечерлија и Чанаклија, а еден пожар имало и кај селото Здуње во Гостиварско.
Во сите овие случаи, односно местата каде што се изгаснати пожарите, горела сува трева, нискостеблеста шума и депонија.