Напаѓачот на екипата на Алсат може да добие до 3 години затвор

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници најостро го осудува нападот врз снимателот и новинарите на телевизија Алсат. Синдикатот бара нападот да се третира во согласност со Кривичниот законик како напад врз службено лице.
„Нападот не беше само вербален, туку и физички по што камерманот на телевизија Алсат се здоби со телесни повреди што за Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е пример за флагрантно кршење на Кривичниот законик, според кој нападот врз новинар при вршење на неговите/нејзините работни обврски се третира како напад врз службено лице и соодветно се казнува“, наведуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Измените на Кривичниот законик кои беа донесени во февруари годинава по две години чекање предвидуваат нападите врз новинари и медиумски работници да се третираат како напад врз службено лице и за тоа напаѓачите да бидат осудени на затворска казна. Со овие измени, за закани по живот кон медиумски работници, адвокати и здравствени работници, напаѓачите ќе бидат казнети со парична казна или затворска казна до 6 месеци. Ако заканата предизвикува страв или несигурност, казната може да биде до една година затвор. Во случај на насилство извршено врз овие лица, затворската казна може да биде од 3 месеци до 3 години.
„Се казнува делото што ќе се стори врз службено лице, адвокат, лекар или друг здравствен работник, новинар или друг медиумски работник или друго лице кое врши работи од јавен интерес во вршењето на професионалната должност“, стои во Кривичниот законик.
Здружението на новинари, исто така, потсети дека смртните закани се кривични дела и побара итно да се истражи и процесуира случајот за ваквите дела да не се повторуваат во иднина. Реагираше и Советот за етика во медиумите нагласувајќи дека напаѓачот мора да се санкционира бидејќи само на тој начин се пренесува пораката дека слободата на изразување е општо добро.
Ајнур Бафќари