Политички лидери со осуда за нападот врз тимот на Алсат

Дел од политичките лидери и партии го осудија нападот врз новинарската екипа на Алсат. Првиот човек на Беса, Биљал Касами, го оцени како напад врз слободата на говорот.
„…Со загриженост ја дознав веста дека екипата на новинари на телевизија Алсат-М биле нападнати од неодговорно лице додека ја вршеле својата новинарска должност, па дури и им се заканувале по живот. Најостро ги осудувам ваквите крајно ниски акти кои имаат за цел да го запрат известувањето на новинарите и да не овозможат јавноста да биде информирана“, рече Касами.
Нападот го осуди и првиот човек на Алијанса за Албанците.
„Казнувањето на овој чин треба да претставува не само правда за конкретниот случај, туку и порака до сите дека во иднина никој не смее ниту да помисли да крене рака врз новинарите или да им наштети на нивната работа“, рече Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
Демократското движење на Изет Меџити го осуди нападот и го нарече грд настан.
„Неприфатливо е фрустрирани поединци да напаѓаат новинари, уште повеќе на место како што е Скопската чаршија, каде што има движење на луѓе, а особено на странски туристи. Работата на новинарите е во служба на информирање на јавноста, а чаршијата е посебно наследство на нашата култура, чија слика никој нема право да ја нарушува“, рече Меџити.
Нападот го осудија и здруженијата на новинари и медиуми, медиумски работници, активисти и други здруженија за заштита на слободата на изразување и демократијата.
Фатлуме Дервиши