ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Утрово три лица се спасени од немирните води на Дојранското Езеро

Утрово три лица се спасени од немирните води на Дојранското Езеро

Тим на граничната полиција утрово во драматична спасувачка акција извлекло три лица кои поради силното невреме се нашле далеку од брегот на Дојранското Езеро, соопштија од Центарот за управување со кризи.

Advertisements

Имено, како што информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, повикот за помош стигнал утрово околу 8:30 часот, кога на единствениот телефонски број за итни повици 112 се јавило лице кое заедно со уште две други се наоѓало во чамец во Дојранското Езеро кое било зафатено од силно невреме.

Ветрот и брановите почнале да го оддалечуваат чамецот далеку од брегот, кон внатрешноста на езерото, а трите лица, и покрај постојаните обиди, не можеле да го исконтролираат чамецот и да се вратат назад.

По добиениот повик, операторот на 112 ја лоцирал точната локација на која се наоѓал чамецот и веднаш ја испратил до Секторот за операции и координација на ЦУК.

„Оперативецот од СОК на ЦУК веднаш го известил Секторот за внатрешни работи Струмица кој итно побарал помош од граничната полиција во Дојран (полициската станица за Граничен премин и Граничен надзор Стар Дојран при Регионалниот центар за гранични работи Југ)“, велат од Центарот за управување со кризи.

По добиените координати од ЦУК, тим на граничната полиција успеал да ја лоцира точната позиција на чамецот со трите лица во него, однесен длабоко во немирните води на езерото.

„Со глисер влегле во бурата и во едно драматично спасување проследено со силен ветер и големи бранови, успеале неповредени да ги извлечат трите лица кои се наоѓале во голема опасност“, информира директорот на ЦУК.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button