СДСМ: Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на нашиот македонски идентитет

Ветото на Бугарија е стратешка грешка на штета на европските вредности, а нашата македонска иднина е во ЕУ, се наведува во партиското соопштение од владејачката СДСМ.
Во текстот се додава:
Неодобрувањето на преговарачката рамка за Република Северна Македонија од страна на Република Бугарија е на штета на осовните принципи и вредности на кои почива Европската Унија.
Со таквиот потег, Бугарија застана на патот на нашата европска интеграција за која претходно, во повеќе наврати, институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите.
Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија.
Македонскиот национален идентитет не беше, не е и во ниту еден случај нема да биде предмет на преговори и разговори.
Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на нашиот македонски идентитет, наведуваат од СДСМ.