ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Реформирањето на ЕУ, ќе го замени ветото со квалификувано мнозинство

Реформирањето на ЕУ, ќе го замени ветото со квалификувано мнозинство

Претстојниов период Европската Унија ќе започне и суштински да расправа за нејзиното реформирање. Европските челници најавија дека реформите во рамки на Унијата ќе течат паралелно со процесот на проширување, а 2030 година останува како политичка цел за членство за земјите од Западен Балкан. Дотогаш ЕУ ќе посвети внимание на внатрешните политички, економски и институционални прашања. Поконкретно, ќе се носат одлуки за тоа како ќе изгледа новиот буџет на евентуалната проширена Унија, колку европратеници и еврокомесари би имале новите земји-членки, но и каков ќе биде начинот на гласање.

Advertisements

„Првото прашање е политичко. Односно, начинот на одлучување и кои теми да останат со право на вето, а кои да одат со квалификувано мнозинство. Притисокот е што повеќе теми да бидат со квалификувано мнозинство, а што помалку со право на вето, заради поефикасно одлучување“ – Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.

Неодамна од Скопје, словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар истакна дека и за темата за проширувањето ќе се одлучува со квалификувано мнозинство, па така една земја-членка не би можела со нејзиното право на вето да го попречи патот на кандидатот до Унијата.

Во меѓувреме, домаќинката на Бледскиот стратешки форум, од каде пристигна најавата за проширување до 2030 година, словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон, во последната колумна објавена во регионалните медиуми порача Западен Балкан да ја искористи можноста со полна брзина. Според неа, тоа не значи дека критериумите за проширување ќе бидат занемарени и дека Западен Балкан може да влезе во Унијата без да ги исполни, туку дека ќе се посвети поголемо политичко внимание на регионот.

„За ЕУ тоа значи самопосветеност за реформирање на процесот на одлучување и да се подготви во институционална и финансиска смисла. ЕУ со повеќе од 30 земји членки на маса едноставно не може да биде ефикасна како што треба. Ваквата реформа нема да биде лесна задача, но е неопходна. И тоа е од стратешко значење за ЕУ, на исто ниво на важност како и проширувањето. Скептиците би рекле дека сите овие задачи се чини дека се многу тешки до 2030 година. Но, реалното гледиште е дека нема да има подобра понуда на маса за земјите од Западен Балкан и подобра можност за Унијата да се подобри и прилагоди на новите светски реалности“-Тања Фајон – министерка за надворешни работи на Словенија.

Нов стимул за земјите од Западен Балкан се очекува во октомври, кога претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на мини-турнеја во регионот ќе го презентира новиот план за раст на Западен Балкан, а воедно истиот месец, но на Самит во Гренада, Шпанија, Европската Унија се очекува и низ конкретен политички заклучок да ги обврзе институциите во Брисел за 2030 година како цел за проширувањето.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button