Незаконитости во финансирањето на ДУИ

Комисијата за борба против корупцијата смета дека финансирањето на ДУИ е во спротивност со законот. ДУИ добила повеќе донации од законскиот лимит и вишокот пари не ги вратила во рокот предвиден со закон. Антикорупциска соопшти дека донацијата на компанијата на Елмедин Адем „Евровиа“ била двојно поголема, а вишокот бил вратен само еден месец пред „Евровиа“ да добие тендер од МНР од 1,8 милиони евра за адаптација на салата Борис Трајковски“ за самитот на ОБСЕ. Случајот ќе биде предаден во Државната ревизија и Министерството за правда. Ќе мора да го испитаат прекршувањето на Законот за финансирање на политички партии.
„Утврдивме дека ослободените средства се вратени, но не се вратени според законот кој предвидува дека средствата надвор од законскиот лимит мора да се вратат веднаш или најдоцна во рок од 15 дена. Со ова констатиравме дека е прекршен членот 16 од Законот за финансирање на политички партии“, рече Шемши Салаи, член на Антикорупциската комисија.
Вишокот пари биле вратени дури следната година. Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, наместо да го осуди чинот како фирма донатор на политички субјект добива тендер вреден речиси 2 милиони евра, таа искоментира дека законот и критериумите за јавни тендери требало да бидат сменети.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој инаку е и потпретседател на ДУИ, по објавувањето на скандалот изјави дека од медиумите бил информиран дека победничката компанија била донатор на неговата партија. Премиерот Димитар Ковачевски пак, изјави дека според тоа што го знае, на тендерот за Самитот на ОБСЕ немало прекршување на законот. Воедно, „Евровиа“ на Елмедин Адеми е најголемата компанија што се наоѓа во регистарот за донации на ДУИ.
Адријан Керими