ЕКОНОМИЈА

Стопанската комора не е консултирана за нови антикризни мерки

Од Стопанската комора тврдат дека за новиот пакет антикризни мерки само слушнале од медиумите. Иако од Владата постојано велат дека се во координација со бизнис секторот, од коморите го тврдат спротивното. Нагласуваат дека не знаат за никакви детали, ниту се информирани каков пакет подготвува Владата. Ниту од Илинденска не одговараат зошто не се консултираат со стопанството.

Advertisements

А, додека извршната власт работи на пакет антикризни мерки, граѓаните секојдневно се соочуваат со поскапувања. Иако дел од владините претставници тврдат дека цените растат поради трговците кои вршеле притисок врз производителите, засега нема реакција.

Министерството за финансии најави дека за деветтиот пакет антикризни мерки од буџетот ќе се издвојат дополнителни 74 милиони евра. Што точно ќе содржи пакетот во јавноста никој не знае. Постојано се нагласува дека ќе бидат поддржани најпогодените категории. Она што засега е познато е дека ќе се даде некој вид помош за високата цена на струјата.

„Тоа значи дека продолжуваат субвенциите за струја за домаќинствата и за парно греење во рамките на ЕСМ. Има доволно средства за да им се помогне и на најпогодените категории“, наведуваат од Министерството за финансии.

Засега не се знае ниту кога ќе стапат во сила овие мерки. За споредба, во соседна Србија од среда граѓаните по пониски цени ќе можат да купат 20 прехранбени и хигиенски производи.

Според податоците на Заводот за статистика, секој петти жител во С Македонија или околу 400 илјади граѓани живеат во сиромаштија. Со енормните поскапувања во последниве две години, овој број е уште поголем. Во меѓувреме, секој трет помлад од 17 години живее во сиромаштија.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button