Гори депонијата во селото Добарце кај Желино

Трет ден по ред гори депонијата во селото Добарце, општина Желино. Пожарот ги зафати и нивите околу депонијата. Пожарникарите се борат да го изгаснат пожарот, а од општината тврдат дека се работи за намерно палење.
Првиот човек на општина Желино, Блерим Сејдиу, вели дека и покрај барањата што ги упатиле до Министерството за екологија за финансиски да им помогне за дислокација на депонијата, бараните 70 илјади евра не ги добиле.
„Три години по ред барам во Министерството за животна средина, но одговорот е негативен, а во текот на кампањата министерот за животна средина дојде во селото и рече дека ќе ја дислоцира. Но, кога ќе завршат изборите, нема ништо. Повторно кога ќе поднесеме барање, нема одговор, а овој начин на комуникација се случува само затоа што се работи за градоначалник кој е од друга партија. Депонијата е запалена од човечка рака бидејќи е запалена ноќе. Еднаш се запали. Доколку немаме дополнителен одговор, тоа ќе го направиме сами со општина Желино бидејќи ветив дека ќе го направам тоа и нема да го напуштам мандатот без целосно да ја исчистам оваа депонија“, рече Сејдиу.
Ова не е единствената депонија што гори во Полог. Во последната недела беа опожарени и депониите во Теарце, Боговиње и Брвеница. Само во последните 24 часа тетовските пожарникари интервенирале на 16 пожари.
„Вчера во текот на денот имавме 13 случаи, а во текот на ноќта шест, плус оваа депонија што ја гледате зад мене. Катастрофа е ова што се случува во Полог. Причина е човечкиот фактор. Се работи за многу сериозна ситуација и 48 часа се справуваме со оваа депонија заедно со општината“, рече Авни Амети, раководител на противпожарна единица, Тетово.
Од противпожарната единица во Тетово апелираат до Инспекторатот за животна средина и до полицијата да излезат на терен за да се спречат понатамошни пожари.
Башким Сулејмани