ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Рот: Уставните измени се неопходни за враќање на европскиот пат

Поранешниот германски министер за Европа и актуелен претседател на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Михаел Рот денеска во Скопје порача дека уставните измени се неопходни за Македонија да се врати на лентата кон ЕУ. Тој вели дека можеби за некои пратеници овие измени се болни, но очекува поголема амбиција кај политичарите. Прашан за евентуалните меѓупартиски договори и можноста преку измените на Кривичниот законик да се обезбеди двотретинско мнозинство, Рот кажа дека не е време за уцени.

Advertisements

„Слушнав некои гласини за амнестија и друго. Сметам дека политичарите тука треба да одлучуваат за тоа, но сега зборуваме за промена на Уставот за внес на бугарското малцинство“, рече Рот.

Рот, на трибината на Институтот за демократија посветена на Берлинскиот процес која се одржа во Собранието, порача дека е време и Европската Унија да биде поамбициозна и да испорача. Според него Македонија ќе има придобивки со планираните реформи внатре во Унијата, особено со менувањето на начинот на донесување одлуки.

„За отворањето и затворањето на преговарачките поглавја треба во иднина да се одлучува со квалификувано мнозинство во Советот на министри. Неприфатливо е една земја-членка на ЕУ или две, да ги уценуваат останатите. Тоа беше горчливата реалност за мене, кога бев министер за Европа. Бев на коленици, зашто првиот пат морав да ги убедувам француските колеги, а вотриот, третиот и четвртиот пат ги убедував бугарските колеги“, вели Рот.

Рот додаде дека на народите во земјите од регионот им е смачено постојано да слушаат ветувања за членство и очекува Унијата да се прошири меѓу 2025 и 2030 година. Според германскиот пратеник, времето во меѓувреме го користат Русија и Кина за дестабилизирачко влијание на Западен Балкан.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button