Жителите на Коњари од пред Влада побараа да запре ископувањата на чакал

„Почвата дава доволно за да се задоволат потребите на секој човек, но не и алчноста на секој“ ова е една од пораките на жителите на Коњаре кои протестираа пред Владата, против ископувањето на минерални суровини во нивниот регион.
Бараат итно да се стопираат работите, да се разгледа документацијата за доделување на концесијата за ископ, односно да се укинат дозволите и да им се дозволи на жителите да живеат мирно.
Жителите велат дека со овој проблем се занимаваат околу една деценија.
„Со овие протести се занимаваме 8 години и уште не е решен, затоа денеска решивме да дојдеме овде пред Владата да протестираме и да бараме овој ископ, ова уништување на нашето место веднаш да запре“, вели Елми Ќерими, жител на село Средно Коњаре.
Жителите велат дека досега поднеле 17 претставки до надлежните институции, но непостапувањето ги натерало да застанат пред зградата на Владата.
Во врска со ова прашање пред еден месец на својот Фејсбук профил реагираше пратеничката Маја Морачанин. Таа меѓу другото нагласи дека пред две години Владата ја раскинала концесијата, додека по одлуката на судот да ја прифати жалбата на концесионерот, повторно продолжува ископувањето. Побаравме став од надлежните институции, но до сега не добивме одговор.
Ајнур Бафќари