Ковачевски: Измените на Кривичниот законик се направени согласно законодавствата на ЕУ

Премиерот Димитар Ковачачевски денеска повтори дека измените во Крвичниот законик, за кој имаше забелешки во јавноста дека се донесени експресно и без претходна јавна дебата, се усвоени со цел да се помогне во зголемувањето на ефективноста и ефикасноста на правосудниот систем.
Тој одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека нема злоупотреба на европското знаме при носење на измените, кои како што рече се направени согласно законодавствата во ЕУ.
Премиерот рече и дека нема ништо спорно и во однос на тајмингот, односно нивно усвојување во период кога се прават напори за обезбедување на мнозинство за уставните измени, нагласувајќи дека откако е донесен законот не се случило ништо драматично и оти тоа покажува дека не е правен за нешто или за некого, туку за зголемување на ефикасноста на системот.
-Ако некој разговара со ЕУ на дневно ниво тогаш тоа го прави Северна Македонија, бидејќи ние и Албанија во моментов водиме скрининг процес со ЕУ. Сите процеси кои се водат кај нас на некој начин се комуницирани со ЕУ. Кај нас во државата многу пати се забележува на спорост, со право бидејќи најголем дел од работите во многу области одат споро, а кога нешто ќе оди брзо, мислам дека не треба толку да му се забележува. Она што го видов од Американската амбасада е дека тие кажаа дека ќе го разгледаат тоа што е донесено, истото тоа го кажа и ЕУ, истакна Ковачевски.